Немаме ништо против верата и молитвите, но проверете ги децибелите

demo-image
Јас живеам на Кале, џамијата која е снимана во прилогот е во близина на мојата куќа. Откако памтам за себе, оџата повикувал на молитва. Порано, додека бевме во СФРЈ, оџата се качуваше на минарето и повикуваше на молитва. 

Потоа, времињата се сменија, оџите веќе одамна не се качуваат на минаре, туку се поставуваат звучници. Кога ќе дотраат или прегорат, следните се уште погласни. 

Мустафа-пашината џамија (на видео прилогот), се реновираше неколку години, а откако лани ја пуштија во повторна употреба, бучавата е неподнослива. Молитви има пет пати на ден. Додека беа постите за Рамазан Бајрам, три пати дневно пеењата траеја по цел час и тоа прв пат во зори околу 04.30 часот, потоа во 13.00 часот и навечер од 22.00-23.00 часот. 

Згора на тоа во 02.30 часот, едно лице силно чука на тапан околу половина час, да ги разбуди верниците да јадат пред зора (пред да им започне постот). Лани цел месец немавме мир и спокоен сон, а уште од сега мислам како ќе истераме оваа година, бидејќи постот пак е на лето (кога и онака големата бучава е уште поголема, бидејќи постојано се отворени прозорците).


Јас немам ништо против ниедна вера и нација, растена сум во мешана етничка средина и имаме пријатели Албанци, Турци, Босанци. Немам ништо ниту против објектот, ниту против молитвите и обредите. Само сакам некој од надлежните да дојде, да измери со колку децибели ечат звучниците и колку тоа влијае на нашиот мир и спокојство. И потоа да наложи на одговорните во џамиите да се придржуваат кон законските одредби.

Бидејќи за време на прилогот не се слуша повикот на молитва и бучавата, Ви праќам аматерско видео, снимено ланското лето, со цел да добиете комплетна слика за ова што го напишав.

Воедно, доколку знаете која институција е надлежна за овој проблем, да ме упатите до истата. Искрено, не верувам дека нешто ќе постигнам јас како единка, ама ако медиумите неколку пати објават за овој проблем, можеби истиот ќе се реши.

А.Б.


Прочитај повеќе »