Можни се пореметувања на видот кај 14-месечното бебе, сè уште има крварење во мозокот

demo-image

Истражните органи се уште без одговор „Кој ѕверски го претепа 14-месечно бебе кое со повреди на черепот, крварење во мозокот и тешки скршеници на коските на нозете пред десетина дена е донесено на скопските клиники“?

Бебето е под постојан надзор на интензивна нега во Клиниката за детска хирургија поради крварењето од повредите, и не е во животозагрижувачка состојба, информираат за Алфа од Детска хирургија.

Лекарите вршат испитувања, а на снимките се забележуваат стари повреди. Лекарите велат дека оштетени се и очните нерви, но сè уште не е познато, каков ќе биде невролошкиот развој на девојчето.

Од МВР за Алфа велат дека истрагата сè уште е во тек, и дека работат на расчистување на случајот.
Во меѓувреме мајката е сместена на безбедно засолниште. Според информации на Алфа, за грозоморниот чин мајката неколку пати досега дала различни искази во полициска станица. Таа претходно мина едно деноноќие во полициска станица, но потоа беше пуштена.

Од Центарот за социјална работа претходно посочија дека мајката ниту еднаш не пријавила дека е жртва на насилство. Таа израснала во Дом за деца без родители, а таткото на бебето издржува затворска казна, поради сторени дела – кражби.

Центрите на социјална заштита немаат капацитет да одговорат на предизвиците со кои се соочуваат, од 1000 вработени, 500 – тина не знаат да работат со луѓе, информира министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа потенцира дека мора да се остават органите на системот да си ја завршат работата.

Дали службите потфрлиле? Станува ли збор за насилство или пак обид за чедоморство, треба да покаже истрагата ...



Прочитај повеќе »