Медицински успех - трансплантација на вештачко срце во „Систина“

demo-image

Трансплатација на  вештачко срце за првпат напревена во Македонија. Пациентот, маж на 46-годишна возраст од Штип, со исклучителна срцева слабост, по оперативниот зафат е во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро. Операцијата која  е најтешката и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата  траеше повеќе од пет и пол часа и заврши во средата рано наутро, а комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.

- Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Пациентот е во стабилна здравствена  состојба, свесен е и контактибилен. Позитивно сме изненадени од брзината на неговото заздравување, вели шефот на тимот, проф. д-р Николиќ.

Ова операција на вградување вештачко срце е прва во Македонија, а втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње” во Белград, исто така изведена од проф. д-р Николиќ.

Д-р Јана Марин, директорка на болницата, нагласи дека во светски рамки, вкупно се изведени 1.800 вакви операции.

- За изведување на оваа специфична интервенција нашиот кардиохируршки тим помина стручна едукација во Германија, изведена од страна на експертите од компанијата Syncardia, којашто е светски лидер во производството на механички срца. Преку оваа едукација, тимот кардиохирурзи стана единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија - изјави Д-р Јана Марин.

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце.  Нашата земја влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува оваа најтешка и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата.


Соња Маневска



Прочитај повеќе »