НАТО сојузниците ги прифатија барањата на Трамп – Сите ќе плаќаат повеќе

demo-image
 
Земјите членки на НАТО ги прифатија условите на американскиот претседател Доналд Трамп. По неговиот бескомпромисен настап и отворените критики на Самитот на Алијансата, останатите сојузници се согласија сериозно да ги зголемат трошоците за одбрана. Во заедничкото соопштение одобрено од сите лидери, покрај клаузулата за взаемна заштита, се потврдува и дека пари за повеќе оружје ќе бидат пронајдени. Тоа го потврди и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

- Ќе ја засилиме нашата заедничка одбрана и моќта за одвраќање. Се обврзуваме дека ќе вложуваме повеќе во нашата одбрана и поправедно ќе ги делиме трошоците – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Членките на НАТО би требало да одвојуваат најмалку два проценти од националниот буџет за трошоци за одбрана, но досега, освен САД кои учествувaат со лавовски дел во сите расходи на Алијансата, ова правило го почитуваат само уште Грција, Британија, Естонија и Латвија. Сите останати држави, вклучително и моќната Германија, издвојуваат значително помали средства, што особено го налути Трамп, кој ги обвини за хипокризија и свесно работење против американските интереси. Американскиот претседател е незадоволен што неговата земја троши огромни пари за заштита на Европа од, како што вели, руската опасност, а во истовреме повеќе европски земји, на чело со Германија, своите потреби за гас ги задоволуваат токму со купување од Русија.

Во својот денешен говор тој порача дека се залага членките на НАТО да одвојуваат цели четири проценти од буџетот за одбрана и дека сака тоа да се случи што побрзо, но веднаш потоа францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека останува Договорот за одвојување на два проценти од националниот приход и дека тоа ќе се испочитува, но дека Франција не прифаќа дополнителни обврски. Ова впрочем е досега единственото спротиставување од страна на некоја земја членка на НАТО на барањата и условите кои ги поставува САД.

Во заклучоците од Самитот во врска со Русија се нагласува дека и натаму ќе се зголемува военото присуство на источните граници и ќе останат на сила санкциите кон Москва, но се потенцира дека НАТО останува отворен за политички дијалог, не бара конфронтација и не преставува закана за Русија. 

Како приоритетно прашање останува борбата против терозризмот и ќе се зголемат националните контингемти на високо подготвени и кавлификувани војници кои во секое време ќе бидат достапни за потребите на НАТО.

Овој воен сојуз планира да развива и заедничка вселенска политика, а ќе формира и Оперативен центар за кибер просторот со седиште во Белгија.

Во Завршниот документ од форумот на 23 страници се посочува и дека во случај на хибриден напад Северноатлантскиот совет може да донесе одлука за активирање на Членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој исто како во случај на вооружен напад, подразбира заеднички воен одговор.

Во декларацијата се повикува Русија да ги повлече своите сили од суверените територии на Молдавија, Украина и Грузија, а земјите членки се обврзуваат да ја ослободат Алијансата од зависноста од оружјето од советско и руско производство.

Драган Милосављевиќ


Прочитај повеќе »