Анѓушев: Стечај можно решение за „Еурокомпозит“

demo-image
Вети стабилизирање, а сега размислува за стечај. Вицепремиерот Кочо Анѓушев смета дека можно трајно решение за загубарот „Еурокомпозит“ било почнување на стечајна постапка, слична како со ФЕНИ. Тој рече дека бил оптимист дека прилепската фабрика можела наскоро да продолжи со работа.

- Еурокомпозит е долги години блокиран, но му помогнавме да продолжи со работа што не е, ниту смее да биде трајно решение. Компанијата треба да се приватизира, но во транспарентна постапка, а за тоа има два начина, или објавување тендер или наоѓање инвеститор за целосна реорганизација како што беше со ФЕНИ. Ако најдеме разбирање со инвеститори што се заинтересирани, а со такви неколку веќе разговаравме, за да не го чекаме долгиот период за приватизација, можеме да го примениме и вториот законски модел за санирање на состојбата, рече Анѓушев.

На вчерашната владина седница, било договорено „Еурокомпозит“ да побара заем од 178.000 евра од АД ЕЛЕМ и МЕПСО, и со тие пари на вработените да им исплати по две плати, по прекинот на нивниот штрајк минатата недела.

Инаку, власта под притисок минатата недела купи време за решавање на статусот на „Еурокомпозит“. На работниците уште еднаш им ветија дека ќе добијат по 30.000 денари на своите сметки најдоцна до за една недела. Парите се уште ги чекаат.

Работниците и натаму не веруваат дека нешто ќе се смени. Оставени на милост и немилост, се жалат дека не можат да закрпат крај со крај. 

На вработените во „Еурокомпозит“, чии загуби се проценуваат на пет милиони евра, не им се исплатени 18 плати и придонеси за изминатите шест години.

Борис Грујоски


Прочитај повеќе »