Уште едно четврточно искачување на Водно

demo-image

Друштвото „I love hiking - group Macedonia“ денеска организира уште едно четврточно искачување до врвот на Водно. На крајот од турата, вообичаено, ентузијастите ќе ги пречека музика, односно настап на ди-џеј, како вид награда за искачувањето.

Членовите на „I love hiking - group Macedonia“ втора година ја спроведуваат својата иницијатива т.н. „Почни со Водно“. Велат дека сакаат да поттикнат љубов кај граѓаните кон планината, желба за истражување, пешачење и здрав живот.

- Со иницијативата почнавме во април 2017. На првото искачување се пријавија 20 - 30 лица, а денес веќе броиме 300-400. Идејата е да се поттикнат граѓаните почесто да го посетуваат Водно, да бидат во што подобра кондиција независно дали се спортски активни или не и да се рабуди истражувачкиот дух, духот за шетање по планини, рурални средини, изјави за МИА Владимир Крстевски - Хари од „I love hiking - group Macedonia“.

Искачувањето е обично од април до септември, секој четврток. Почнува во 18 часот откако групата ќе се собере пред ОУ „Кочо Рацин“, а симнувањето од врвот на Водно е во 21:30. Во летните денови, за време на жештините, терминот се поместува подоцна. Тогаш турата е од 19:30 или 20:00 часот.

Како што објаснува Хари, групата искачувачи оди со водичи и редари.  

Од ланското искачување произлегле четири до пет „сериозни“, активни планинари кои веќе искачуваат и врвови на Блаканот. 

Во годинашнава, втора сезона на четврточните искачувања на Водно што стартува пред три недели, на „I love hiking - group Macedonia“ им се приклучија и „Маседониан бајк рајдерс“, како и „Неозболни велосипедисти“.

Уште една група љубители на планината организира искачувања до врв на Водно. Наречена е „Осветли го Скопје“, но вообичаено, турите се само четири пати во годината, кога има полна месечина. 



Прочитај повеќе »