Утре претпладне средба Заев - Ципрас во Софија

demo-image
 
Заев и Ципрас утре претпладне во Софија на тет-а-тет средба – ќе разговараат за спорот со името. Ќе донесе ли премиерската средба во Софија решение за името или ќе остане само обична средба на маргините на Самитот на ЕУ -Западен Балкан, останува да се види. Премиерот Заев пред своето заминување  за Софија оптимистично кажа дека Успехот што досега го постигнале министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас било за почит. Со Ципрас ќе  ги потврдиле само досегашните успеси од процесот. 

Премиерите, денеска ќе имаат заедничка работна вечера со бугарскиот премиер Борисов и официјалните претставници на останатите земји. Билатералната средба на која на маса ќе се стави деценискиот спор меѓу Македонија и Грција ќе се случи утре претпладне во 10 часот и 30 минути.

Ќе биде чудо ако успееме да го решиме спорот за името со Грција кажа денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на панел дискусијата на Самитот на ЕУ- Западен Балкан.

 – Мислам дека премиерот Борисов спомна дека го имаме, последниот најголем предизвик помеѓу билатералните спорови. Мислам дека ќе биде чудо ако успееме да го решиме - Но, чудата се можни, ние создаваме чуда во денешно време. Го гледаме европскиот воз и сакаме да го фатиме - изјави Димитров.

Важен е и квалитетот на договорот- денеска порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.  Во интервју за грчкиот весник „Та неа“,тој е убеден дека може да се постигне решение за името меѓу Македонија и Грција. Вели дека Македонија се доближила до соседите, како преку договорот со Бугарија, така и преку напорите да се најде компромис со Грција. Грчка Та Неа  излезе со наслов “ Изводливо решение дури и во Софија“.

 - Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на претставникот на ОН, Метју Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за Поранешната Југословенска Република Македонија, туку и за целиот регион - изјави Јоханес Хан еврокомесар за проширување.

Какви се шансите да се затвори прашањето за името на утрешната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, владиниот портпарол Бошњаковски денеска само ги потврди изјавите на премиерот пред неговото заминување во Софија - рече дека средбата Заев – Ципрас ќе биде само исчекор кон конечно решение.

Владата денес не излезе со конкретен став откако една провладина телевизија  вчера ги најави контурите од договорот со Грција. Јавноста ќе била информирана кога ќе имало значителен прогрес. 
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос пак вчера потврди дека Грција ќе каже Да за отворање на врата на ЕУ и НАТО за Македонија- само ако има договор и се реши спорот за името.


Прочитај повеќе »