Богов се повлече, Иванов ја предложи Анита Ангеловска - Бежоска

demo-image
 Богов се повлече од трката за гувернер, а претседателот Иванов ја предложи вицегувернерката Анита Ангеловска - Бежоска да се бори за челната позиција во Народната Банка. Засега ниту таа сака да коментира околу нејзината кандидатура, ниту пак, партиите се координирани околу новиот предлог на Иванов. Од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека во наредните неколку денови ќе излезат со официјален став. Иванов изненади со новиот предлог, особено затоа што во јавноста како втор најверојатен кандидат се очекуваше поранешниот Вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими, инаку фаворит на ДУИ. За избор на нов гувернер остануваат уште 5 дена. Сега е неизвесно дали доколку предлогот во понеделник биде ставен на дневен ред во Собранието како што се најавува, владејачкото мнозинство ќе се изјасни позитивно. Иванов  и Заев претходно имаа неколку средби околу изборот на Богов, но не постигнаа заеднички став околу ова прашање. 

Од кабинетот на Иванов велат дека новиот предлог за гувернер веќе е доставен до Собранието и дека актуелната вицегувернерка може да продолжи со успешното водење на монетарната политика и индиректно навестуваат дека се работи за консензуално решение.

„Анита Ангеловска - Бежоска е осум години на функцијата вицегувернер во Народната банка, задолжена за областите монетарна политика, истражување и статистика. На предлог на гувернерот Димитар Богов, на 20 септември 2017 година во Собранието на Република Македонија,  со 97 гласа „за“ беше реизбрана за вицегувернер на НБМ“ – велат од кабинетот на Иванов.

Ангеловска-Бежоска има долгогодишно искуство во Народната Банка каде што моментално го одработува вториот мандат како вицегувернер, била ангажирана и во ММФ во Вашингтон, а претходно 8 години работела во Министерството за финансии, каде што била и државен секретар.

Актуелниот гувернер Богов денеска ја информираше јавноста дека нема да се бори за втор мандат и дека со самото тоа што бил предложен од претседателот е валоризација за тоа што го сработил во изминатите 7 години.

„Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив Претседателот на Република Македонија“ – вели Богов.

Тој повторно предупреди дека Народната Банка не смее да се остави без гувернер и дека верува дека во најкус можен рок ќе се изнајде кандидат кој ќе добие консензуална политичка поддршка. 

Тања Попова



Прочитај повеќе »