Металургијата продолжува да тоне, производството на метали драстично паѓа

demo-image

Металургијата продолжува да тоне. Производството на метали претрпе драстичен пад од 18.4% само во првите три месеци од годинава. Состојбата е уште позагрижувачка бидејќи лани имаше намалување на производството од 15%. Неработењето на Југохром и отворањето стечај на Фени си го направија своето. Останатите металуршки капацитети мака мачат со застарената технологија. Од Здружението на металурзи велат дека комбинатите треба активно да ги воведуваат најновите научни достигнувања, што не е случај во Македонија.

За неколку години металуршките капацитети ќе останат без работници. Овој сектор се соочува со сериозен недостаток на кадар. Од технолошко -металуршките факултети, иако во премал број, сепак излегуваат квалитетни кадри, но компаниите едвај можат да најдат општи работници. И покрај тоа што примањата се близу до просечната плата во земјава, во моментов просечната возраст на работниците надминува 53 години.

Моменталните глобални цени на металите им одат во прилог на металуршките капацитети кои треба да го искористат овој тренд за да го зголемат производството и извозот во странство. Само во првите три месеци од годинава извозот останал на истото ниво како и  лани во истиот период од 187 милиони долари. Според  последните проекции на Народната Банка, се очекува цените на металите да растат до крајот на годинава, по што ќе следува пад во 2019-та година. 



Тања Попова



Прочитај повеќе »