ДПМ избира ново раководство

demo-image
  Друштвото на писателите на Македонија денеска на редовно Изборно собрание ќе избере ново раководство.

Кандидати за нов претседател на ДПМ се Соња Стојменска Елзесер и Оливера Доцевска, кои според Статутот на ДПМ, со програми ги најавиле своите кандидатури. 

Соња Стојменска Елзесер е родена во 1963 година. Таа е есеист, критичар и книжевен научник. Доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Еден мандат била претседател на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија. Член на ДПМ е од 2009 година.

Оливера Доцевска е родена 1975 година и е поетеса и есеист. Живее во Куманово, работи како адвокат во Скопје. Член на ДПМ е од 2013 година.

За функцијата претседател на Собранието на ДПМ своите кандидатури со програми ги најавиле Христо Петрески и Блаже Миневски.

Христо Петрески, роден 1957 година, е поет, раскажувач, романсиер, критичар и есеист. Доктор по филолошки науки, професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА“ во Скопје и директор на издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Член на ДПМ е од 1985 година.

Блаже Миневски, роден 1961 година, е раскажувач, романсиер и драмски автор. Работи како уредник во секторот за издавачка дејност во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Член на ДПМ е од 1992 година.

Покрај претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, денеска највисокиот собир на македонските писатели ќе избира и претседателство на ДПМ, како и Собраниски одбор во кој ќе влезат по еден писател од секоја општина во која живеат и создаваат автори, членови на писателската асоцијација. Изборот е за мандат од четири години. 

Својот четиригодишен мандат го завршија Веле Смилевски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и Раде Силјан, претседател на Собранието на ДПМ.



Прочитај повеќе »