Атина и Анкара со различен став за инцидентот во Егејското Moре

demo-image

Грција и Турција изнесуваат различни ставови во врска со инцидентот од понеделникот вечерта нешто пред полноќ, кога се судрија турски и грчки брод во близина на ненаселениот остров Имија/Кардак.

Министерството за надворешни работи на Турција тврди дека инцидентот го предизвикал грчкиот брод, додека Атина обвинува дека турскиот брод удрил во грчкиот.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, за инцидентот телефонски разговараа и премиерите на двете земји.

Грчкото Министерството за надворешни работи, како што јави вчера МИА, соопшти дека генералниот секретар на Министерството упатил демарш до неговиот турски колега.

Турското Министерство пак обвинува дека „грчката страна ги извртува фактите“, додавајќи демарш бил упатен од Анкара до Атина за „инцидентот предизвикан од грчката Крајбрежна служба поради опасните маневри во близина на карпата Кардак, што е под турски суверенитет“.

На ова реагираше портпаролот на грчкото Министерството за надворешни работи, Александрос Гениматас, кој во писмена изјава вели дека Турција „загубила мерка и здрав разум“ и „освен што го прекршува меѓународното право, се покажува и дека не знае ниту географија“.

За инцидентот, по барање на турската страна телефонски разговарале премиерите на Грција и Турција, Алексис Ципрас и Бинали Јилдирим. Според соопштението на Кабинетот на Ципрас, грчкиот премиер му посочил на Јилдирим дека ваквите инциденти ги поткопуваат грчко- турските и евро-турските односи и го прекршуваат меѓународното право, потенцирајќи ја потребата да запрат „турските прекршувања“ и по море и по воздух и да дојде до намалување на тензијата.

На крајот од разговорот, двајцата премиери се согласиле дека треба да се интензивираат разговорите за мерките за градење доверба.

Според грчката Крајбрежна служба, инцидентот се случил завчера во 23.40 часот по локално време во реонот околу островот Имија/Кардак на територија на Грција, кога турски патролен брод удрил во пловило на грчката Крајбрежна службам при што е предизвикана само материјална штета, но не е повреден ниту еден од членовите на двата екипажи. 



Прочитај повеќе »