Лидерот на германските социјалдемократи Шулц поднесе оставка

demo-image

Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Мартин Шулц вечерва соопшти дека поднесува оставка на местото партиски лидер.

По оставката на Шулц, раководството на СПД закажа вонреден партиски конгрес за 22 април на кој ќе треба да биде избран нов лидер на социјалдемократите.

До изборот на нов прв човек на партијата, вршител на должноста партиски лидер ќе биде градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц. 

Според извори во партијата, најсериозен кандидат за нов париски лидер е претседателката на парламентарната група на СПД во Бундестагот, Андреа Налес.   

На изборите во септември минатата година СПД оствари најслаби изборни резултати по Втората светска војна, по што Шулц најави дека социјалдемократите нема да ја продолжат владината коалција со конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и дека ќе преминат во опозиција. Но, по неуспехот на Меркел да обезбеди ново парламентарно мнозинство, Шулц го промени ставот и реши да почне преговори со конзервативците за формирање нова владина коалиција.

Минатиот вторник социјалдемократите постигнаа договор со конзервативниот блок на Меркел за нова коалиција, за кој на внатрепартиски референмдум треба да се изјаснат околу 460.000 членови на СПД.

Со коалицискиот договор беше предвидено Шулц да биде нов шеф на германската дипломатија, но откако беше изложен на критики, дури и од истакната членови на СПД, околу самиот договорот и кадровските решенија, тој најави дека нема да биде министер во новата влада.

- Се откажувам од учество во Федералната влада и во исто време молам со ова да се стави крај на дебатите за персоналните решенија во рамките на СПД, наведе Шулц во петокот во писменото соопштение во кое ја образложи својата одлука да не биде шеф на дипломатијата, додавајќи дека решил интересите на партијата да ги стави пред неговите лични амбиции.

Одлуката на Шулц за повлекување прво од министерската функција, а сега и од местото лидер на СПД се оценува како неков обид за надминување на партиските поделби во пресрет на изјаснувањето на членството за коалицискиот договор со Меркел. 



Прочитај повеќе »