Преговорите за спорот со името продолжуваат под покровителство на ОН

demo-image
 
 Преговорите за спорот со името продолжуваат под покровителство на ОН. Тоа се договориле денес министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

 Средбата за надминување на спорот за името, траеше повеќе од 6 часа во канцеларијата на ОН во Виена. По завршувањето на состанокот до јавноста стигна само соопштение дека  Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција се согласиле да ги продолжат напорите под покровителство на Обединетите Нации. Со други зборови преговорите продолжуваат но детали нема.

  Средбата Димитров – Коѕијас  со Нимиц се држеше во голема тајност и до самото одржување. До јавноста не стигнаа ниту информации дали на денешниот состанок се разгледувал грчкиот нацрт-договор, кој Коѕијас го најави за средината на февруари.

 Тој пред една недела потврди дека Атина го подготвила теренот за прифаќање на конкретна одредница во која ќе биде вклучен терминот Македонија. Објави и дека во Давос двете страни се договориле да се подготви спогодба под негова одговорност, а во која ќе бидат вклучени името, јазикот, националноста и Уставот. И премиерот на Грција, Ципрас вчера побара сложено име за севкупна употреба и за меѓународна и за внатрешна употреба. За грчкиот премиер  рамка која ќе го гарантира затворањето на проблемот со името претставуваат токму уставните промени.

 Македонската Влада пак не открива детали од преговарачкиот процес, знаеме само дека позициите се различни од тие на Грција. Самото име на државата  не бил веќе главен проблем во преговорите, вистинските црвени линии сега претставуваат Уставот, националноста и јазикот кои се спорни, според високи владини извори.

 Очекувањата и на двете страни се спорот за името да се реши до март, но засега ниту македонската ниту грчката страна не знаат како. Во меѓувреме се одржуваат интензивни средби. Медиумите изминатата недела објавуваа за средба на министрите Димитров и Коѕиас во Софија на 15 и 16 каде ќе се одржи неформален состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ. Засега за оваа средба меѓу Димитров и Коѕијас нема официјална потврда. Веројатно во зависност од тоа како ќе се движат преговорите во Вина ќе зависат и следните чекори.

 На последната посета во Скопје Нимиц порача дека Нема многу време и сега е вистинскиот момент за решавање на спорот со името. Тогаш не кажа ниту еден предлог кој се врти на преговарачката маса меѓу Македонија и Грција и не сакаше да шпекулира за можно пропаѓање на преговорите . Изрази очекување во наредните недели и месеци да се реши деценискиот спор кој се влече повеќе од 25 години. 

 Македонија се надева дека овој јули ќе биде на врвот на листата за прием во НАТО, но едно е јасно ако не се реши спорот со името Грција повторно може да го блокира влезот за придружување на Алијансата.

Лепа Џундева  


Прочитај повеќе »