Скопската епархија е револтирана од игнорантскиот однос на градоначалничката Халими

demo-image
Скопска епархија, под чија капа е регистрирана црквата на распаѓање во Арачиново - Св. Талалеј, е изненадена и револтирана од игнорантскиот однос на градоначалничката Мелекие Халими кон ова парче земја каде се и православните гробишта. Халими вчера не сакаше да објасни  зошто и гробиштата и трпезариската сала за помен не се ниту пристапни, искршени се, полни со шут, дрва.

-Изненадени сме од односот на локалните власти за земјиште што е под нивна ингеренција, да не се исполнуваат должностите за негово одржување, вели за Алфа отец Бобан Митевски од Скопската епархија на МПЦ-ОА

Отецот објаснува дека МПЦ има изготвено елаборати за повеќе цркви во неколку општини меѓу кои и единствената во Арачиново, за приватизирање на црковните парцели. Но биле одбиени.  Ако не и ја отстапиле на МПЦ, зошто ја оставаат да се распаѓа?

-Зошто кога им понудивме да ги приватизираме црковните земјишта не ни дозволија? А сега не постапуваат -како во случајот со конкретното. Имавме изготвено елаборати и ги имавме доставено до сите локални единици, но буквално бевме одбиени од сите, додава отецот.

Алфа вчера побара одговор од Халими, инаку градоначалничка од редовите на СДСМ, но не не удостои со изјава оти не сме најавиле. Со нас зборуваше надлежниот за урбанизам, но не во камера.

Црковното место прв пат е урнисано и вандалски уништено во 2001 година. Оттогаш, семејствата на закопаните овде доаѓаат одвреме на време и за време на некој верски празник, но секогаш си одат со уште поголема грутка: гробовите тонат, црквата е уништена а општината не прави ништо.

Вчера почна да се санира потпорниот ѕид покрај гробиштата, но заради безбедносни причини- за да не се излизгаат врз патот. За останатото Халими и нејзините урбанисти немаат план. 

Од Скопската епархија се надеваат дека ќе им биде барем дозволено да одат и да го исчистат местото.  

Искра Коровешовска




Прочитај повеќе »