Експети бараат зголемување на старосната граница за пензионирање

demo-image
 Државниот пензиски фонд од година в година се повеќе тоне. Во 2018-та дури 878 милиони евра ќе се потрошат за исплата на пензии, а трансферите од буџетот за оваа намена достигнаа половина милијарда евра. Експертите бараат итни реформи. Според институтот за економски истражувања „Finance Think“, неминовно е да се оди подоцна во пензија, односно жените на 64, а мажите на 66 години. Исто така, тие сметаат дека треба да се зголеми и придонесот за пензиско осигурување од сегашните 18% на 22 отсто и да се зголеми границата за семејна пензија и пензија со бенефициран стаж за 3 години. Сепак, според нив, промените треба да се случуваат постепено, не веднаш, за да се елиминираат силните шокови како врз работниците, така и врз компаниите и товарот да не падне само врз една генерација.

За работодавачите, зголемувањето на придонесот за пензиско ќе значи дополнителен финансиски товар. Тоа ќе им ги намали профитите и ќе ги спречи да отворат нови работни места и да ги зголемат платите на работниците.

Воведувањето на пензиските реформи веднаш или постепено ќе значат заштеди од 10 до 400 милиони евра во следните 20 години. Според анализата, треба да се води сметка особено за трудово - интензивните дејности, на пример за текстилците одењето во пензија на поголема возраст да биде само на доброволна основа. Сепак, во анализата не е вклучена најавената државна пензија за оние со помалку од 15 години работен стаж, ниту опцијата што постоеше во минатото за одење во пензија според работниот стаж. 

За Фајнанс Тинк, приватизацијата на државниот пензиски фонд не е опција. Сметаат дека растот на пензиите треба да го следи зголемувањето на платите и трошоците на живот, без паушални линеарни покачувања на примањата во иднина. Им препорачуваат на политичките фактори, да постигнат општ консензус за пензиската реформа што треба да се спроведува на долг рок, односно да го поделат политичкиот ризик при воведувањето непопуларни мерки, наместо да се борат за политички поени, затоа што во прашање се идните пензии на сегашните работници. 


Тања Попова



Прочитај повеќе »