Малите и средни претпријатија контра владиниот план за субвенции

demo-image
Владата со финансиска инјекција им помага само на големите и добро стоечки компании, кои добро профитираат - малите оставени сами на себе да се снаоѓаат, реагираат од Организацијата на работодавачи. Велат, владините мерки за поддршка на бизнисот барем за сега немаат позитивен ефект. 

- Кај нас првата казна и инспекција кај мало претпријатие со двајца или тројца вработени за нив значи затворање. Врз малите и средни претпријатија речиси да немало никакво влијание намалувањето на казните од претходната Влада во 2015 година, а планот за економски раст на сегашната власт според сегашните критериуми не нуди поддршка за нив, туку само за брзорастечките компании, рече Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Микро и малите претпријатија до 10 вработени зафаќаат над 80% од вкупниот број претпријатија и учествуваат со повеќе од 50% во БДП, но според газдите тие се оставаат на маргините и тешко доаѓаат до државна поддршка.

Она што не го прави Владата ќе го направи ЕУ - финансира проект за поддршка на извозот од прехранбено преработувачката индустрија.
 
- Ќе се подготви бизнис анализа на кои од странските пазари можеме претпријатијата од прехранбено преработувачката индустрија да им дадеме поттик дека имаат најголеми шанси за извоз. Потоа ќе следи фаза на обуки за почетни и напрадени вештини во сите знаења и технологии за да ги подготват нивните производи и услуги за палсман на странските пазари, изјави Розалија Карцички Василевска, тим лидер на проектот. 

Владиниот план за економски раст кој е наменет за големите и добро стоечки фирми доцни со спроведување, не можат да се донесат потребните законски измени. Во меѓувреме Владата почна да склучува поединечни договори за субвенционирање на некои инвеститори, тврди дека ова било законски.

Борис Грујоски


Прочитај повеќе »