Земан води, но не победи во првиот круг од изборите во Чешка

demo-image
Актуелниот чешки претседател Милош Земан е во убедливо водство на претседателските избори што во земјата се одржуваат вчера и денеска, но не успеа да победи во првиот круг, покажуваат првичните податоци.

По пребројани 90 отсто од гласовите, Земан, кој е познат по неговите антиимигрантски, проруски и прокинески ставови, има 39 отсто од гласовите.

Неговиот најсериозен противкандидат, претседателот на Чешката академија на науките, Јиржи Драхос, кој е проевропски либерал, има 24 отсто од гласовите. Останатите седуммина кандидати имаат под 10 отсто од гласовите.

Земан и Драхос влегуваат во вториот круг кој ќе се одржи на 26 и 27 јануари. Излезноста беше околу 60 проценти.

Чешкиот претседател има ограничена формална моќ, но Земан, кој прв пат беше избран во 2013 година, како и неговите претходници, имаат големо влијание на политичката дебата во земјата. Меѓу останатите кандидати за претседател се и текстописецот Михал Хорачек, поранешниот десничарски премиер Мирек Тополанек и поранешниот директор на Шкода, Вратислав Кулханек.


Прочитај повеќе »