Првиот министер за правда Наумов: Иванов да не го дозволи законот додека не се направи попис на населението

demo-image
Првиот министер за правда во владата на Никола Кљусев, Ѓорги Наумов, ги оценува како нелегитимни сите оправдувања на носењето на законот за јазици. Не може со закон за форсирање на еден малцински јазик - албанскиот, да се чува унитарноста на државата во која живеат многу малцинства. Партиите од албанската заедница не го претставуваат албанскиот народ оти во Македонија таков нема, има само албанско малцинство, анализира Наумов за Алфа.
-Ќе настане хаос во сите општествени сфери. Ние немаме ни економска моќ за имплементација на законот на терен. Тоа ќе повлече многу трошоци, вели Наумов.

Според првиот министер за правда во самостојна Македонија, честите пораки на ДУИ и другите партии од албанскиот блок дека законот е заокружување на Охридскиот рамковен договор, се целосно неосновани.
-Рамковниот договор веќе не постои оти тој е вграден во Уставот, оттука повикувањето на овој договор како некакво оправдување не е издржано. Нема зошто да се вели дека законот произлегува од Охридскиот договор, додава Наумов. 

Наумов порачува до Уставниот суд, ако законот стапи на сила да го процени неговото повредувачко дејство врз Уставот и да го прогласи за неуставен- за што се свесни сите правни познавачи во земјава.
-Иванов да не го потпишува указот пред да се спроведе попис на населението за да се види дали и колкав процент е албанското малцинство, а не да се дозволат права за број на заедница кој може да е нереален, нагласува тој. 

Во меѓувреме, јавноста се изненади и од задоцнетите, како што се оценети на социјалните мрежи, реакции на две професорки и екс пратенички на СДСМ Ана Павловска Данева и Каролина Ристова Астеруд. Првата излезе со став дека ваков закон не смее да се носи без опозиција, а втората дека истиот е рамковна и уставна тиранија на малцинството. 
И академик Ќулафкова реагираше на Твитер. Вели оти законот носи идентитетски импликации, оти до сега албанскиот јазик ги имаше сите права, ама не беше официјален. Се до 11ти јануари.  

Искра Коровешовскa  



Прочитај повеќе »