Сенатот ја преиспитува надлежноста на Трамп за нуклеарното оружје

demo-image

Првпат по 40 години Сенатот на САД ја преиспитува надлежноста на еден американски претседател да покрене нуклеарен напад, јави Би-Би-Си.

Според британскиот јавен сервис, сослушувањето по ова прашање во Комитетот за надворешни работи на Сенатот е наречено „надлежност за издавање наредби за користење на нукеларно оружје“.

Претседателот на Комитетот, републиканецот Боб Коркер минатиот месец го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека ги води САД „на патот кон Трета светска војна“.

Трамп во август, како што јави МИА, се закани дека ќе ја нападне Северна Кореја „со оган и бес какви светот никогаш не видел“, ако Пјонгјанг ја продолжи нуклеарната програма.

Последен пат Конгресот расправаше за оваа прашање во текот на четиридневното сослушување во март 1976 година.

- Ние сме загрижени дека претседателот е нестабилен, толку хировит, импулсивно носи одлуки и оти би можел да нареди напад со нуклеарно оружје, што е во драстичен расчекор со американските интереси на државната безбедност, истакна демократскиот сенатор Крис Марфи на седницата.

Сенаторите исто така сакаат да знаат што би се случило доколку претседателот нареди нуклеарен напад.

Поранешниот командант на американската Стратешка команда, Роберт Келер истакна дека додека тоа се случело додека тој бил активен, ќе ја извршел наредбата на претседателот, доколку таа била законска.

Келер наведе дека доколку не би бил сигурен во законитоста на одлуката, тогаш ќе се советувал со своите советници.

- Во одредени ситуации јас би рекол дека не сум подготвен  да го направам тоа, посочи Келер.

Како врховен командант на вооружените сили, претседателот има надлежност да нареди нуклеарен напад, кој би можел да биде изведен од подморница, авион или со лансирање на интерконтинетален балистички проектил (ИЦБМ).

Во согласност со актуелните закони, претсадателот на САД може да покрене напад со внесување на шифра во апаратот, што постојано е кај него. Претседателот нема обврска за таквата одлука да се консултира со кого било.



Прочитај повеќе »