Сирискиата армија поврати контролата врз кварт во Дамаск

demo-image
 Сириските сили спроведоа вчера контраофанзива и ја повратија контролата врз кварт во близина на центарот на Дамаск, неколку часа откако џихадистите извршија ненадеен напад врз источниот дел на градот, јави ДПА. 

Борци на блокот, предводен од Џебхат Фатах ал Шам, поранешен сириски огранок на Ал Каеда, претходно вчера нападнаа позиции на владините сили во источниот кварт Џобар и напредуваа кон соседниот плоштад Абасид, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Следеа жестоки судири и џихадистите за кусо презедоа контрола врз голем паркинг до плоштадот Абасид, еден од влезовите во центарот на градот. 

Извор од силите за безбедност изјави дека џихадистичкиот напад почнал со напади со автомобили-бомби, извршени на околу 500 метри од источниот дел на Дамаск. Третиот напад го извршил терорист самоубиец со бомбашки појас, при што загинале неколку лица. 

Сириските медиуми јавија дека владините сили ги одбиле нападите на терористите против воени позиции и станбени згради во Џобар.

Бунтовниците извршиле напад во Џобар, откако навлегле во регионот по мрежа од тунели. Џобар е поделен меѓу владините сили и бунтовничките фракции.

Според Сирискиот центар за мониторинг на човековите права владините сили извршиле над 30 воздушни напади врз бунтовниците. Според податоците на невладината организација најмалку 20 лица се убиени за време на жестоките битки изминатите 24 часа. 

- Во воздушни и артилериски напади на режимот врз бунтовничкото засолниште Гута, источно од Дамаск, загинале 13 цивили, вклучувајќи три деца, изјави директорот на Центарот Рами Абдел Рахман. 



Прочитај повеќе »